Од 18 до 21 септември ГЕШТАЛТ ЦЕНТАР „Младен Костиќ“ АСПЕКТИ – Скопје ја реализацираше  обуката на млади волонтери од младинската кампања на говор на почитување наспроти говор на омраза, поддржана од Цивика мобилитас (програма за поддршка на граѓанското општество)  спроведена во Хотел Солферино во Струга.  На оваа обука учесници беа група на млади луѓе, членови на организации, од повеќе градови: Ирена Николовска – Скопје, Тања Димова – Штип, Тренделина Деари – Гостивар, Андреј Габровски – Прилеп, Ивана Лазареска – Кичево, Вероника Димоска и Егзона Муртезаи – Струга, Јан Бекиров – Битола, Беса Љутфиу – Куманово, Атанас Ивановски – Кавадарци, Ангела Органџиска и Иле Матеничарски – Кочани, Зага Каменчева – Струмица и Маилинда Абази -Тетово.  Обуката имаше за цел да ги спои овие млади луѓе и да ги запознае подетално со проблемите на оваа тематика за тие како волонтери на кампањата да ја шират целта, а тоа е да се идентификува и спречи говорот на омраза помеѓу луѓето и почесто да се практикува говорот на почитување.

Обуката беше реализирана од членовите на ГЕШТАЛТ ЦЕНТАР „Младен Костиќ“ АСПЕКТИ, м-р Снежана Андреева, Лидија Попчева и м-р Радмила Манчевска, кои се европски лиценцирани психотерапевти и професионалци во изведување на работилници од ваков вид.

Обуката започнуваше со телесно-динамични работилници, спроведени од Андријана Андреева.  Целта на овие работилници беше учесниците да ја развијат телесната свесност, да научат што значи почитување кон себе, своето тело и својата личност, за подоцна да продолжи кон тематски и искуствено доживувачки работилници во врска со говорот на омраза и говорот на почитување. За почеток волонтерите преку практични вежби се запознаа со тоа како да го идентификуваат говорот на омраза, како да се соочуваат со него и како да го спречат. Подетално за Говорот на омраза не запозна психологот Димо Попчев со својата презентација на тема „ Говор на омраза“, на која се поттикна дискусија за говорот на омраза во нашето општество. Следните денови обуката се движеше кон запознавање на говорот на почит и споделување на истиот. За овие теми водачите на обуката користеа најразлични методи од областа на психосоцијалната практика и психологијата.

По завршувањето на активностите беа организирани слободни активности и прошетки во Радожда, Охрид и Струга, каде волонтерите започнаа со спроведување на акција за ширење на говорот на почитување. Акцијата беше осмислена со тоа што волонтерите делеа стикери „СПОДЕЛИ ПОЧИТ“ на граѓаните со цел и тие да споделат почит со нивните пријатели и сограѓани.

Младите лидери детално се запознаа со темата и нејзините цели преку практичните вежби и задачи. Нивната задача е да го продолжат се она што го искусија на оваа обука  во нивните градови преку: организација на трибини, анимирање на младите (училишта, младински организации), поделба на флаери, присуство и водење на трибината, споделување стикери на присутните, учество на социјалните мрежи, споделување на настаните на ФБ, мотивирање  за наградна игра (награден клип, случка, расказ, цртеж или песна) и информирање и покана на локалните медиуми. Со ова тие ќе бидат директни спроведувачи и учесници на кампањата за спречување на говор на омраза и ширење на говор на почит. Овие млади лидери се главниот медиум за постигнување на целта.

Customized Social Media Icons from Acurax Digital Marketing Agency
Visit Us On FacebookVisit Us On Instagram