На 25.10. 2017 година во просториите на ОО на ЦК Штип беше одржана Трибина на тема “Стоп омраза – сподели почит”, од страна на ГЦ ” Младен Костиќ” – Аспекти Скопје, поддржана од страна на Цивика мобилитас. На трибината зедоа учество вкупно 28 младинци од различни возрасни групи, што овозможи разработка и дискусија на темата од различен аспект, каков е говорот на омраза и почитување во основните училишта, па се до зрелите младинци и нивните животни и работни средини. Трибината ја водеше м-р. Радмила Манчевска – психолог, психотерапевт и тренер во ГЦ „Младен Костиќ“ – Аспекти.

Трибината започна во 16.15 часот со претставување на целта на проектот „Стоп омраза – сподели почит“, кој што е дел од Младинската кампања за промовирање на говорот на почитување наспроти говорот на омраза. Накратко младите се запознаа со активностите на ГЦ „Младен Костиќ“- Аспекти, а потоа беше применета вежба за запознавање, која со задоволство ја прифатија.

На трибината младите дискутираа за тоа:
• Каде го среќаваме говорот на омраза?
• Во каков вид се изразува говорот на омраза и преку што?
• Кон што генерално е насочен говорот на омраза?
• Какви се последиците од користењето на говорот на омраза кај поединците, но и пошироко во општеството?

Во однос на овие прашања младите дадоа различни мислења и дискутираа во зависност од тоа од каква возрасна структура и каква средина доаѓаат, така што заеднички можеше да се констатира дека говорот на омраза е навлезен во сите сфери на општественото живеење и не ги поштедува ниту старите, ниту младите лица. Во однос на последиците, младите истакнаа дека често говорот на омраза предизвикува насилство и физичка пресметка,несоцијализараност, незадоволство, депресија, несреќа, намалена самодоверба, нетолеранција и др.
Покрај тоа младите дискутираа и за тоа што е почитување и како можеме да го изразиме. Во однос на тоа интересни беа размислувањата дека говорот на почитување можеме да го изразиме и вербално и невербално, доволно е да бидеме свесни и да имаме желба и намера да го користиме говорот на почитување, преку едноставна насмевка, добар гест, благодарност, почитување на разликите и на човекот како човек.

На крајот од трибината младите добија насоки во однос на продолжување на активностите поврзани со говорот на почитување во насока на одбележување на светскиот ден на толеранцијата на 16 ноември, на кој е потребно да споделуват пораки на почитување во своите средини и да креираат ѕид на почитувањето Сите активности кои се планирани да се реализираат во Штип ќе бидат координирани од страна на младинскиот координатор Тања Димова.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Customized Social Media Icons from Acurax Digital Marketing Agency
Visit Us On FacebookVisit Us On Instagram